БУБО КАРОВ СО СКЕЧ ОТВОРИ НАУЧЕН СОБИР ВО ШТИП

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Љупчо Бубо Каров, или познат како Цацко Конопишки од хумористичната серија „К-15 “, кој е надворешен советник во Владата во ресорот за комуникации, отчетност и транспарентност, денес беше модератор на научниот собир „Наука за живот“ во организација на Универзитетот “Гоце Делчев“ во Штип.

Каров пред полната сала на Универзитетот се претстави како Цацко Конопишки, и со скеч го отвори научниот собир. Кажа дека во 1941 година со палењето на црвеното светло на единствениот семафор пред Кавадарци го спасил градот од хитлеровата армија. Каров рече дека по три недели чекање да се запали зеленото светло на семафорот војниците добиле наредба од Хитлер за рикверц. Тој кажа дека и претходно бил модератор на разни настани, но во поново време ова му е прво учество на научен собир.

Научни предавања оддржаа Владо Камбовски, Георги Старделов, Блажо Боев, Трајче Стафилов, Рубин Гулабовски и Кирил Барбареев.

„Да се биде дел од науката и да се практицира во секојдневниот живот бара многу умешност и знаење. Лукавите луѓе ја презираат науката, простите и се воодушевуваат, а мудрите ја користат како што рекол познатиот филозоф Френис Бејкон, а ние ќе се заземеме науката да ја доближиме до сите преку проектот на УГД ‘Наука за живот ‘“, рече ректорот на универзитетот „Гоце Делчев“ проф. д-р Блажо Боев.

Боев зборуваше за научните аспекти на глобалните климатски промени, и кажа дека на 27 милиони години се случуваат катастрофални промени од кои исчезнуваат цели живи светови, како што тоа се случило со диносаурусите. Според него такво нешто на човекот не може да му се случи, бидејќи сме на половината од тој циклус, и имаме време уште 13 милиони години со научните достигнување да најде решение за опстанок.
Академик Владо Камбовски зборуваше за правото во новата ера и ја нагласи потребата од донесување на разбирливи закони. Останатите говорници зборуваа на теми од своите сфери, филозофијата, образованието, екологијата и аерозагадувањето.

Т. ЈОВАНОВСКИ