ФИНСКИ ФОТОГРАФ СНИМИ МЕЧИЊА КАКО „ТАНЦУВААТ“ ВО ШУМА

Хелсинки, (Дејли мејл)

Наставник од Финска успеа да направи неверојатни фотографии од мечиња како танцуваат во шума.

Валтери Мулкахаинен со години аматерски се занимава со фотографија и своите снимки од природниот свет ги споделува на Фејсбук, а меѓу нив особено се истакнува колекцијата што ја направил во јуни 2013 додека истражувал тајга (шума со борови) во околината на градот Мартинселконен.

Тој начекал три мечиња како се играат, при што во еден момент се фатиле за предните шепи, застанати во круг како да танцуваат. Мулкахаинен долго време ги набљудувал од сигурна дистанца од 50 метри.

„Ги фотографирав мечињата со нивната мајка цела вечер и цела ноќ. Мечињата се однесуваа како деца. Се играа и почнаа неколку пријателски тепачки. Имав чувство како да сум на игралиште пред мојата куќа, со мали деца наоколу. Во еден момент, тие застанаа на задните нозе и почнаа да се туркаат. Изгледаше како да танцуваат во круг“, кажа Мулкахаинен.

Мечките ги има насекаде низ Финска, но многу ретко доаѓаат во контакт со луѓе. Се проценува дека лани ги имало повеќе од 2.100.