Триесет и девет голови, шест хет-трикови, 11 голови на седум мечеви за Борусија Дортмунд, 10 погодоци на седум натпревари во Лигата на шампионите. Сето тоа на само 19 години.
Статистиката на Ерлинг Браут Холанд оваа сезона е луда.
Голгетерската серија на норвешкиот тинејџер продолжи и синоќа, кога ги даде двата гола за Борусија во победата над ПСЖ од 2:1 на првиот меч од осминафиналето на Лигата на шампионите. Со тоа, тој стигна до двоцифрена бројка голови во Лигата на шампионите четири меча побрзо од кој било играч во историјата, значи и од Лео Меси и Кристијано Роналдо.
Поточно, Холанд оваа сезона постигнал повеќе голови во Европа од целиот тим на Барселона и е прв играч во историјата на Борусија кој дал гол на својот прв меч во Бундеслигата, германскиот Куп и во ЛШ.
„Мило ми е што бев прогласен за играч на натпреварот, но сѐ уште можам многу подобро. Мора да работам напорно за да се усовршам“, скромно кажа Холанд по средбата.
Откако ѝ се придружи на Борусија минатиот месец, Холанд постигна 11 голови за само 450 минути игра, односно по еден на секои 41 минута.
Холанд е син на поранешниот играч на Лидс и Манчестер сити Алф-Инге Холанд. Тој одигра само една цела година за Ред Бул Салцбург пред да се пресели во Борусија за 20 милиони евра, но за него за заинтересираа бројни европски гиганти откако во есенскиот дел даде осум голови во ЛШ.