Марки Рамон, долгогодишниот тапанар на легендарната панк рок група „Рамонс“, ќе настапи на 10. издание на Д фестивал во Дојран со својот бенд „Блицкриг“. Тоа ќе биде негово второ гостување во Македонија, откако пред 12 години настапи и на „Таксират“.
Сега 67-годишниот Марк Бел, како што му е вистинско име, се придружи на „Рамонс“ во 1978 и свиреше на осум од 14-те студиски албуми на групата. Тој беше дел и од финалната постава пред распадот на групата во 1996 година.
Имајќи предвид дека сите останати членови на класичната постава на „Рамонс“ се починати, ова ќе биде ретка можност во живо да се слушнат најголемите хитови на групата, која се смета за основоположник на панк рокот.
Јубилејното издание на Д фестивал ќе се одржи во Дојран од 3 до 5 јули.
Г. КОНЕВ