Еден од најоригиналните видеоспотови од 1980-ите, „Take On Me“ на норвешката поп група „А-ха“, ја надмина бројката од една милијарда прегледи на Јутјуб, станувајќи само втора песна од оваа деценија на која ѝ успеало тоа.

Легендарниот, полуанимиран спот е режиран од Стив Барон, кој соработувал со групата на уште седум спотови.

Објавен во 1985 година, спотот се правел четири месеци и во него се искористени 3.000 цртежи на илустраторот Мајк Патерсон. Следната година, спотот освои шест награди на Ем-Ти-Ви, а на Јутјуб беше поставен во 2010.

Првата песна од 1980-ите која стигна до милијарда прегледи на Јутјуб е „Sweet Child O’ Mine“ од „Ганс ен роузис“.