Да се биде астронаут има разни уникатни привлечности, но храната не е една од нив. При својот престој во вселената тие користат намирници како течни сол и бибер, коктел од дехидрирани ракчиња и исушен сладолед.
Менито би можело да биде проширено откако се покажа дека првата одгледана марула во вселената е безбедна за консумирање и хранлива и вкусна исто како онаа на Земјата.
Џиоја Маса од вселенскиот центар „Кенеди“, која го водеше проектот „Веги“, вели дека одгледувањето храна во вселената би можело да биде клучно за долготрајни мисии како „Артемис 3“, која треба да биде лансирана во 2024 или за првата мисија на НАСА на Марс, предвидена во втората половина на декадата.
„Ако складирате спакувана храна на долго време, квалитетот, вкусот и хранливите вредности се намалуваат, а витамините пропаѓаат. Одгледувањето зеленчук и растенија може да има и психолошки предности“, изјави Маса.
Вселенската храна се подобрува во изминатите години, но многу од астронаутите губат тежина и се заситуваат од јадењето исти вакумирани оброци.
Марулата расте на Меѓународната вселенска станица меѓу 33 и 56 денови пред да се бере и јаде и е побогата со калиум, натриум, фосфор, цинк и сулфур од онаа на Земјата. Таа содржи и повисоко ниво бактерии, веројатно затоа што се одгледува во потопли и повлажни услови, но докажано е дека ниедна од нив не е опасна.
Во план е да се одгледуваат и други видови зеленчук.