Мик Џегер призна дека му е жал што не глумел почесто во пресрет на излегувањето на неговиот прв филм по речиси 20 години пауза.

„Темнопортокалова ерес“ имаше светска премиера уште лани на Венециски филмски фестивал, но „Сони“ вчера го пушти во светска дистрибуција. Седумдесет и шестгодишниот пејач на „Ролинг стоунс“ признава дека тоа веројатно му е и последен филм.

„Би сакал да можев повеќе да глумам. Снимав помали улоги одвреме-навреме, но како што знаете, јас имам друга дневна работа“, вели Џегер.

Тој има снимено помалку филмови од Дејвид Боуви, но повеќе од Боб Дилан, избирајќи да работи со поекспериментални филмаџии, како Жан-Лик Годар, Николас Роег и Вернер Херцог.

„Отсекогаш сум ја сакал идејата да бидам актер“, признава Џегер.

Во трилерот „Темнопортокалова ерес“, Џегер игра зол колекционер на уметнички дела кој планира да искористи интервју со еден повлечен уметник за да украде една од неговите слики. Тоа е негов прв филм од „Човекот од Елисејски Полиња“ од 2001 година.

„Ако не добијам друга добра улога, ова веројатно ќе биде мој последен филм. Но, ништо не планирам“, вели Џегер, кој првата филмска улога ја оствари во „Нед Кели“ од 1970 година.

Иако лани имаше операција на срцето, Џегер не запира и во мај ја продолжува северноамериканската турнеја со „Ролинг стоунс“.