ПОРАДИ КОРОНАВИРУСОТ УЧИЛИШТАТА СЕ ЦЕЛОСНО ЗАТВОРЕНИ ВО 46 ДРЖАВИ

Париз, (Би-Би-Си)

Дури 46 држави ги имаат затворено сите образовни институции на национално ниво поради кризата со коронавирусот, објави УНЕСКО. Меѓу нив е и Македонија, каде што ваква одлука беше донесена пред два дена.

Данска е последната држава која ги затвори сите училишта и факултети, откако бројката заразени порасна на 514.

Во Казахстан сите училишта се затворени уште од понеделникот, иако во земјата не е регистриран ниеден случај на коронавирус.

Јапонија меѓу првите реагираше со ваква драстична мерка и минатиот месец ги затвори сите училишта до крај на март.

Според УНЕСКО, уште 13 држави имаат затворено училишта само во одредени области, како што е случај со Шпанија. Во Велика Британија и Германија се затворени само мал дел училишта.