КОРОНАВИРУСОТ ЈА ЗАПРЕ РЕЧИСИ ЦЕЛАТА АВТОИНДУСТРИЈА ВО ЕВРОПА

Лондон, (Гардијан)

Сите големи европски автокомпании го прекинаа производството среде пандемијата на коронавирусот, при што само некои луксузни брендови, како „Астон Мартин“ и „Лотус“, одлучија да ги остават своите фабрики отворени.

„Јагуар Ленд ровер“ и „Бентли“ се последните британски компании кои запреа со работа во своите фабрики на островот, а „Волво“ најави дека на 26 март ќе ја затвори својата фабрика, последен сѐ уште отворен голем погон во Европа.

Затворањето на Европа ги прекина и глобалните ланци на снабдување и за очекување е побарувачката на сите пазари значително да се намали.

„Пежо“, „Нисан“, „Хонда“, „Тојота“ и „БМВ“ го прекинаа производството во своите фабрики низ Европа, исто како и „Фолксваген“, „Мерцедес-Бенц“, „Фиат Крајслер“ и „Рено“. „Јагуар Ленд ровер“ и „Бентли“ објавија дека сите нивни активности се суспендирани најрано до 20 април.

Пандемијата тешко ја погоди и американската автоиндустрија, па „Џенерал моторс“, „Форд“ и „Фиат Крајслер“ преговараа да ротираат во затворањето, а „Тесла“ најави дека ќе го запре производството во Калифорнија, каде што на сила се вонредни мерки.