Уште две лица починаа од КОВИД-19 во Македонија, а листата градови во кои што е регистриран случај на коронавирус денеска е дополнета со Струмица и Гевгелија.
- Министерството за здравство објави дека починале 31-годишник и 91-годишник, и двајцата од Скопје, кои се најмладата и највозрасната жртва на коронавирусот во земјата досега.
- Министерот Венко Филипче изјави дека ризичниот фактор кај 31-годишниот пациент била обезноста и дека негова клиничка слика била исклучително тешка.
- Коронавирусот досега однесе шест животи во Македонија.
- Во последните 24 часа има 18 новозаразени, вклучувајќи ги првите потврдени случаи во Струмица и Гевгелија, со што листата сега брои 14 градови.
- Најголем еднодневен пораст има во Штип – шестмина заразени.
- Вкупната бројка заразени досега изнесува 259, од кои шестмина починати и тројца излекувани.
- „Двајца пациенти имаат негативни тестови и се очекува деновиве на домашно лекување да бидат пуштени седум лица“, рече Филипче.
- На светско ниво сега има повеќе од 700.000 заразени и над 33.000 починати.