КОРОНАВИРУСОТ ЗА ТРИ МЕСЕЦИ СЕ ПРОШИРИ НИЗ ЦЕЛ СВЕТ, НО НЕКОИ МЕСТА И НАТАМУ СЕ НЕДОПРЕНИ

Лондон, (Би-Би-Си)

На 12 јануари, пред помалку од три месеци, коронавирусот беше ограничен само на Кина. Ниту еден случај на зараза немаше надвор од земјата.

Наредниот ден, вирусот стана глобален проблем, откако прв случај беше потврден во Тајланд, по што следеа и Јапонија, Јужна Кореја и САД.

Од синоќа, на светот има повеќе од милион случаи на коронавирус, расте бројот на мртви, а болниците во некои држави се преполни. Сепак, на светот сѐ уште има земји до кои што коронавирусот не стигнал.

Обединетите нации бројат 193 членки, а до 2 април, 18 држави немаа пријавено случај на зараза. Северна Кореја и со војна разурнатиот Јемен се официјално на нула случаи, исто како и Комори, Кирибати, Лесото, Малдиви, Микронезија, Науру, Палау, Самоа, Сао Томе и Принсипе, Соломонски Острови, Јужен Судан, Таџикистан, Тонга, Туркменистан, Тувалу и Вануату.

Дел од овие држави се мали, самоизолирани острови, со малку странски туристи. Поточно, во оваа група се седум од десетте најмалку посетени држави на светот, според ОН. Сепак, Науру има само една болница, и тоа без респиратори, па дејствуваше предвреме и прогласи вонредна состојба.

Оваа островска држава во Тихи Океан е оддалечена 320 километри од друго место, а од големите градови со директна авионска линија, „најблиску“ ѝ е Бризбејн – на 4.000 километри. Според еден туристички оператор, Науру лани го посетиле само 160 туристи.

„Изолацијата досега беше проблем за овие мали држави среде океан, а сега тоа им е заштита“, вели д-р Колин Тукуитонга, експерт за јавно здравје од Универзитетот во Окленд.

Се проценува дека коронавирусот ќе допре до сите држави на светот, но кое ќе биде последно место?

„Верувам дека тоа ќе бидат зафрлените острови во Јужен Пацифик. Во вака глобализирана економија, не верувам дека некоја држава ќе ја избегне заразата“, вели д-р Питер Мекферсон од училиштето за тропска медицина во Ливерпул.