Министерот за здравство Венко Филипче објави дека Македонија влегла во втората фаза од епидемијата на коронавирусот откако бројката заразени денеска надмина 500.
- На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје почина 63-годишен жител на Лабуништа и тој е 18. жртва на КОВИД-19 во земјата.
- Во последните 24 часа се потврдени нови 72 случаи на коронавирус, што е најмногу во еден ден.
- Куманово бележи нов значителен пораст на бројот на заразени, 21 во еден ден, па следуваат Скопје со 14, Тетово со 12, Прилеп со 9, Кочани со 7, Битола и Крушево со по 2, како и еден во Струга, Гостивар, Велес, Штип и Радовиш.
- Со тоа, вкупниот број на заразени досега порасна на 555, што најмногу отпаѓа на Скопје (235) и Куманово (114).
- Филипче кажа дека уште тројца пациенти се излекувани (вкупно 23), додека 15 имаат тешка клиничка слика.
- „Се наоѓаме во втората фаза, со очекуван раст на бројот на дијагностицирани заразени. И натаму веруваме дека врвот на заразата ќе биде на крајот на април, а проценките се дека ќе има околу 2.000 заболени“, кажа Филипче.
- На светско ниво досега има 1,24 милиони заразени и речиси 70.000 починати.