СТРИМИНГ СЕРВИСОТ НА „ДИЗНИ“ СОБРА 50 МИЛИОНИ ПРЕТПЛАТНИЦИ ЗА ПЕТ МЕСЕЦИ, НА „НЕТФЛИКС“ МУ ТРЕБАА СЕДУМ ГОДИНИ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Новиот стриминг сервис на „Дизни“ собра 50 милиони претплатници за само пет месеци, иако се прогнозираше дека за оваа бројка ќе му бидат потребни неколку години.

„Дизни+“ во февруари објави дека има 26,5 милиони корисници и, во меѓувреме, оваа бројка речиси се удвои откако државите се ставија во карантин поради коронавирусот, а луѓето најголем дел од времето седат дома.

Кога беше лансиран во ноември, „Дизни“ постави цел да има меѓу 60 и 90 милиони претплатници до крајот на 2024 година. Иако и натаму доста заостанува зад своите најголеми ривали „Нетфликс“ и „Амазон прајм“, кои имаат по 150 милиони претплатници, аналитичарите посочуваат дека „Дизни“ го има најимпресивниот раст.

„‘Дизни+‘ за пет месеци го постигна она за што на ‘Нетфликс‘ му требаа седум години. Ако некој американски стриминг сервис може да освои 1,4 милијарди луѓе во Кина, тоа е ‘Дизни‘“, вели аналитичарот на филмската индустрија Крис Фентон.