6.500 МАСКИ СО ВИЗИРИ БЕСПЛАТНО ДОСТАВЕНИ ДО МЕДИЦИНСКИТЕ ЛИЦА, И „КОМИТИ“ ДОНИРАА МАСКИ И СКАФАНДЕРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Околу 6.500 заштитни маски со визири се произведени и дистрибуирани до здравствените установи низ земјава заклучно со 7 април. Маските се финансиски поддржани од донации од граѓани и фирми.

На чело на оваа иницијатива е ортопедскиот хирург од Градската општа болница „8 Септември“ Александар Каревски, а во екипата има доктори, дизајнери и професори, кои изминативе недели работат со полна пареа. Целата иницијатива започна со неколку 3-Д принтери, а сега се работи со над 50.

Процесот на снабдување на приватните здравствени установи е во тек, но благодарение на интензивниот труд на активистите од „3-Д принт медицинска опрема“, само на 7 април беа опслужени 100 установи, паралелно со доставата на визири во Здравствен дом Скопје, Градска општа болница „8 Септември“, Клиника за гинекологија и акушерство, Психијатриска болница Скопје и Здравствен дом Железара.

(Фото: Фејсбук страница на 3-Д принт за медицинска опрема)

Навивачката група „Комити“ донираше 600 хируршки маски и 40 заштитни скафандери, кои беа поделени во ГОБ „8 Септември“ и Клиника за гинекологија и акушерство.

„Поради зголемената потрошувачка на вералит (провиднот дел на визирот) и потешкотиите за негов увоз поради актуелната ситуација, апелираме до сите кои можат да обезбедат вералит да ни се обратат. Доколку не успееме да го набавиме, акцијата за донација на визири ќе мора значително да го намали темпото, бидејќи ги трошиме последните залихи“, велат од „3Д принт медицинска опрема“.