ДАНСКА И НОРВЕШКА ПРВИ ВО ЕВРОПА ОТВОРААТ ГРАДИНКИ И УЧИЛИШТА СРЕДЕ ПАНДЕМИЈАТА

Копенхаген, (Би-Би-Си)

Данска оваа недела ќе стане прва европска држава која повторно ќе отвори образовни институции среде пандемијата на коронавирусот.

Од среда, децата помлади од 11 години ќе можат да се вратат во градинките и во основните училишта, еден месец откако тие беа затворени. Тоа ќе се одвива по нови правила, па меѓу децата ќе мора да има дистанца, ќе се применува строга хигиена и ќе се оди на повеќе настава на отворено.

Данска беше една од првите држави во Европа која воведе ограничувања за да се спречи ширењето на заразата и сега е една од првите која почнува да го олеснува карантинот.

„Важно е да не ја држиме Данска затворена повеќе отколку што е потребно“, изјави премиерката Мете Фредериксен.

Владата вели дека ширењето на коронавирусот е под контрола и затоа сака што поскоро повторно да ја отвори економијата.

„Сепак, потезите ќе бидат бавни и внимателни, како да се качуваме по јаже. Ако Данска пребро се отвори, ризикуваме ново нагло ширење на заразата“, додаде Фредериксен.

По Данска, истото ќе го направи и Норвешка, која планира на 20 април повторно да ги отвори градинките, а една недела подоцна и училиштата за деца до 13 години.

Данска ги воведе првите рестрикции на 11 март, но тие не беа строги. Немаше наредби да се седи дома и голем број продавници останаа отворени, но и покрај тоа, беше избегнато масовно ширење на коронавирусот (6.174 случаи и 273 починати досега).