МУЗИЧКИТЕ ЅВЕЗДИ ПЕЕЈА ОД ДОМА ЗА ДА ИМ ОДДАДАТ ПОЧИТ НА ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ НИЗ СВЕТОТ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Некои од најголемите музички имиња на денешнината ги здружија силите за да им оддадат почит на здравствените работници среде глобалната пандемија на коронавирусот.

Леди Гага го организираше осумчасовниот виртуелен концерт „Еден свет: заедно дома“ со движењето „Глобал ситизен“ и Светската здравствена организација, при што повеќе од 100 музичари свиреа и пееја од своја дневна соба, а во преносот што одеше на интернет, телевизии, социјални мрежи и стриминг платформи се вклучија и голем број филмски, телевизиски и спортски ѕвезди.

Членовите на „Ролинг стоунс“ настапија заедно од четири различни локации, а Пол Макартни кажа дека здравствените работници се вистинските херои на кризата и се присети на мајка му Мери, која била медицинска сестра за време на Втората светска војна.

Леди Гага претходно нагласи дека на настанот нема да се собираат пари, туку целта биле забава и испраќање на порака на солидарност.

„Ова е љубовно писмо за светот, за здравствените работници и сите оние кои се на првата линија на борбата против КОВИД-19. Сакаме да ви вратиме малку добрина што вие ни ја давате нам“, кажа Гага.

Меѓу учесниците беа и Тејлор Свифт, Били Ајлиш, Елтон Џон, Бијонсе, Селин Дион, Андреа Бочели, Џенифер Лопес, Стиви Вондер, Џон Леџенд, Сем Смит, Камила Кабелјо…