НАЈПОЗНАТИОТ ЕВРОПСКИ ПАРК НА ЦВЕЌИЊА НЕ Е ОТВОРЕН ЗА ПРВПАТ ВО 71 ГОДИНА, ПА ПРАВИ ВИРТУЕЛНИ ТУРИ

Амстердам, (Гардијан)

Седум милиони цвеќиња биле засадени и тие сега се во цут: лалиња, нарциси, зумбули, орхидеи, рози, лилјани… Сѐ е подготвено во паркот на цвеќиња Кукенхоф во градот Лисе, сѐ, освен што нема посетители.

Првпат во неговата 71-годишна историја, светски познатиот парк во Јужна Холандија нема да ги отвори своите врати за јавност и место тоа, менаџерите се надеваат дека по виртуелен пат ќе ја донесат оваа убавина во домовите на луѓето. Секоја недела, тие ќе објавуваат по три нови видеа на Јутјуб и социјални мрежи, преку кои ќе може да се ужива во боите на огромниот обем на цутењето во паркот, кој уште е познат како Градина на Европа.

„Коронавирусот дојде во Европа пред неколку недели и брзо сфативме дека Кукенхоф нема да може да се отвори оваа година. Тајмингот не можеше да биде полош“, вели директорот на паркот Барт Симеринк.

Вообичаено, паркот го посетуваат 1,5 милиони луѓе од цел свет додека трае осумнеделната сезона на цутење од март до мај. Оваа година, тој нема да се отвори ниеден ден.

(Фото: ЕПА)

„Паркот изгледа неверојатно во моментов. Ова е најдобрата пролет досега. Затоа направивме тим кој ќе се обиде да го донесе Кукенхоф во домовите на луѓето“, кажа Симеринк.

Пандемијата на коронавирусот тешко ја погоди цвеќарската индустрија. Во изминатите недели, холандските одгледувачи уништиле 140 милиони лалиња кои не можеле да ги продадат.