И додека Холандија и Белгија најавуваат дека ќе го прекинат и поништат своето првенство, фудбалот во Германија се подготвува да продолжи од 9 мај. Во услови кога земјата добро се справува со пандемијата на коронавирусот, властите одлучија да донесат малку забава во домовите.
„Викенд со фудбал е далеку поподнослив од викенд без фудбал“, изјави премиерот на сојузната држава Баварија, Маркус Зедер.
Германската фудбалска лига (ДФЛ), која раководи со првата и втората Бундеслига, е решена да ја доврши сезоната и 36-те клубови вчера се изјаснија „за“.
„Ако почнеме на 9 мај, ние ќе бидеме подготвени. Ако биде покасно, повторно ќе бидеме подготвени. Но, ќе биде како ќе кажат политичарите. Ние сами не можеме да решиме. Натпревари без публика не е она што го сакаме, но во овој момент, само така е изводливо“, изјави извршниот шеф на ДФЛ, Кристијан Зајферт.
Германската влада ги забрани сите масовни собири во земјата до 24 август, што се однесува и на фудбалот. Така како единствена опција останува да се игра пред празни трибини, а на стадионот да бидат само играчи, стручни штабови, лекарски екипи, судии, собирачи на топки, обезбедување, техничари, тим за ТВ-продукција и ВАР служба. ДФЛ проценува дека тоа се околу 300 луѓе по натпревар.
Играње во вакви услови ќе бара и посебни медицински и хигиенски протоколи. Според планот, стадионите ќе бидат поделени во три зони и најмногу 100 луѓе ќе можат да бидат во секоја од нив. Играчите и тренерите редовно би се тестирале меѓу тренинг-сесиите и пред секој меч.
„На ДФЛ ќе му требаат до 20.000 тестови и исклучителни организациски мерки. Играчите ќе мора да бидат посебно заштитени, бидејќи тие не можат да избегнат директен контакт на терен“, вели Александер Кекуле, биохемичар од универзитетот „Мартин Лутер“ во Хале.