УЧЕНИК ОД БИТОЛА ИЗМИСЛИ УРЕД ЗА СПРЕЧУВАЊЕ ПОЖАРИ ПРИ ЗЕМЈОТРЕС

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Петнаесетгодишниот ученик од Битола Андреј Јовановски изработи уред за детектирање на земјотрес кој може да ја исклучи струјата во домот за да не настане пожар. Тој беше изработен под менторство на наставничката по физика Валентина Степановска-Андонова од основното училиште „Даме Груев“, која со своите ученици има освоено многу награди во областа на применета физика.

„Ова е уред за детектирање на земјотрес, ги открива сеизмичките бранови. По одреден тип на земјотреси кои имаат голема магнитуда може да се оштети електрична инсталација, па да дојде до пожар. Една од намените на овој уред е комплетно да се исклучи електричното струјно коло во внатрешноста на домот и на тој начин да се спречат пожари“, велат наставничката и ученикот.

Уредот им донесе две втори државни награди на Јовановски и менторката: прво на манифестацијата „Ноември-месец на науката” организирана од Друштво на физичари, а потоа и од Народна техника.

Јовановски беше дел од ученичкиот тим кој пред година и пол, под менторство на Степановска-Андонова, ги изработи паметните венецијанерки кои сончевата енергија ја претвораат во електрична. Меѓу младите иноватори беа и учениците од „Даме Груев“ Христијан Николовски и Михаил Јанакиевски.

Степановска-Андонова со учениците има освоено многу награди. Деновиве со ученикот Јанакиевски победија на меѓународен онлајн натпревар за млади научници, изработувајќи електронски сончоглед кој светлосната енергија ја претвора во механичка.

Ж. ЗДРАВКОВСКА