Еден од најголемите лунарни метеорити пронајдени на Земјата ќе биде понуден на аукција во „Кристис“ во Лондон, а неговата вредност е проценета на 2,5 милиони долари.
Каменот тежок 13,5 килограми веројатно бил откинат од површината на Месечината кога во неа удрил астероид или комета, по што паднал во Сахара. Наречен НВА 12691, се верува дека тоа е петто најголемо парче од Месечината што било пронајдено на Земјата. Познато е дека на светот има околу 650 килограми лунарни камења.
„Искуството да се држи парче од друг свет во рацете е нешто незаборавно. Ова буквално е парче Месечина. Има големина на фудбалска топка, иако е повеќе триаголно. Поголемо е од човечка глава“, изјави Џејмс Хислоп, шефот за наука и природонаука во „Кристис“.
Како и повеќето други метеорити, и овој бил пронајден во Сахара, каде што паднал откако патувал повеќе од 384.000 километри.
„Метеорити се исклучително ретки и само еден во илјада доаѓаат од Месечината, што ова парче го прави специјално“, додаде Хислоп.