Актерската легенда Џуди Денч вели дека одбива да размислува за значењето на зборот пензија, додека ја краси насловната страница на најновиот број на британското издание на „Вог“.
Осумдесет и петгодишната Денч е највозрасната личност која се нашла на насловната страница на ова модно списание, при што го урна рекордот на Џејн Фонда, на која тоа ѝ успеало на 81 година.
„Не сакам да размислувам за моите години. Не ми се допаѓа тоа што имам 85 години, но не мислам на тоа. Велат дека возраста е став“, вели оскаровката.
Денч, чиј сопруг Мајкл Вилијамс почина од рак во 2001 година, сега живее со 77-годишниот екологист Дејвид Милс, а првата тетоважа ја направила на 81 година.
„Редовно добивам сценарија за филмови. Сѐ уште го чекам денот кога ќе играм лик за кој сите мислат дека е вистинска светица, а таа всушност убива луѓе“, вели Денч за јунското издание на британски „Вог“.