НБА ЛИГАТА ПРЕГОВАРА СО „ДИЗНИ“ ДА ЈА ДОИГРА СЕЗОНАТА НА ЕДНО МЕСТО

Њујорк, (АП)

Раководството на НБА е во преговори со компанијата „Волт Дизни“ за доигрување на сезоната во нејзиниот комплекс во Флорида.

НБА лигата беше прекината на 11 март поради коронавирусот и сега се разгледува опцијата сите мечеви да се играат на едно место, во комплексот „ESPN Wide World of Sports“, масивен кампус во сопственост на „Дизни“ што се наоѓа во близина на Орландо. Портпаролот на НБА Мајк Бас додаде дека сите клубови би биле сместени и би тренирале на оваа локација.

Наш приоритет остануваат здравјето и безбедноста на сите вклучени и затоа соработуваме со здравствени експерти и владини претставници за да ги обезбедиме сите потребни медицински и безбедносни протоколи“, изјави Бас.

Ако биде постигнат договор, сезоната би продолжила на крајот на јули.