ПО ДВА МЕСЕЦА, УТРЕ СЕ УКИНУВА ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС, В ЧЕТВРТОК СЕ ОТВОРААТ И КАФУЛИЊАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Точно три месеци од првиот регистриран случај на коронавирус во земјата, Владата денеска укина најголем дел од рестриктивните мерки, што го опфаќа и полицискиот час.

  • Од утре веќе нема да има никакви забрани за движење бидејќи се укинува полицискиот час, што за првпат беше воведен на 22 март.
  • В четврток се отвораат терасите на кафулињата и рестораните.
  • Владата ѝ наложи на Комисијата за заразни болести да направи проценка за отворање на границите и да подготви протоколи за влегување и излегување од земјата.
  • Задолжителниот државен карантин по влегувањето во земјата се заменува со домашна изолација доколку лицата приложат доказ за негативен тест за коронавирус направен во претходните 72 часа.
  • Од 1 јуни престанува да важи мерката за работење од дома или за ослободување од работа.
  • „Вакви одлуки се донесени затоа што епидемијата е под контрола и бројот на активни случаи на коронавирус е стабилен, а здравствениот систем е добро подготвен и може успешно да одговори на очекуваните тенденции. Вирусот е тука, пандемијата не е завршена и ризици по граѓаните и натаму постојат“, изјави техничкиот премиер Оливер Спасовски.
  • Три лица од Скопје (76 години), Велес (78) и Тетово (84) се последните жртви на КОВИД-19 во земјата, со што вкупната бројка починати порасна на 116.
  • Во изминатите 24 часа имаше 16 нови случаи на зараза (од 314 тестирања), од кои девет во Скопје, пет во Штип и еден во Гостивар и Струга.
  • Во Македонија досега има 2.014 заразени, од што 445 се активни случаи, а оздравеле 1.453 лица.