ПРЕМИЕРАТА НА НОВИОТ ФИЛМ НА НОЛАН „ТЕНЕТ“ ЗАКАЖАНА ЗА 31 ЈУЛИ

Лос Анџелес, (АП)

На големо очекуваниот нов филм на Кристофер Нолан „Тенет“ ќе има премиера на 31 јули, објави „Ворнер брос“.

Филмското студио кажа дека излегувањето на „Тенет“ ќе биде одложено за две недели, а пред тоа, повторно ќе го издаде „Зачеток“ (2010), уште еден научно-фантастичен хит на Нолан во кој се поигрува со времето.

Излегувањето на „Тенет“ се следи со голем интерес од светската филмска индустрија, имајќи предвид дека киносалите се затворени уште од средина на март поради коронавирусот, поради што беа одложени премиерите на низа блокбастери. „Тенет“ доаѓа во кината само една недела по „Мулан“ на „Дизни“.

Првиот трејлер за „Тенет“, во кој играат Џон Дејвид Вашингтон, Роберт Патинсон и Мајкл Кејн, беше објавен во мај, но тогаш не беше наведен датумот на премиерата.

„Ворнер брос“ исто така ја помести премиерата на „Вондер Вуман 1984“ за 2 октомври.