Кинеската технолошка компанија „Тенсент“ ќе гради област во Шенџен со големина на Мидтаун Менхетн, во која нема да има автомобили.

Со површина од два милиона квадратни метри, Нет Сити ќе се наоѓа на полуостров во заливот Дачан и ќе содржи домови, деловни простори, паркови и забавни содржини. Во областа нема да има патишта за автомобили. Место тоа, низ Нет Сити ќе се движи само пешки или со велосипед, додека со Шенџен ќе биде поврзан со подземна железница. Јавен превоз ќе обезбедуваат и траекти.

„Дизајнирањето област без автомобили е можност одново да ги осмислиме градовите, така што ќе го ставиме фокусот на луѓето. Типичното планирање градови е ограничено затоа што речиси целосно е засновано на мрежен систем за потребите на автомобилите“, велат од архитектонското студио „НББЈ“, кое го прави проектот.

Висината на зградите ќе варира од еден до 30 спратови и кога ќе биде готов, Нет Сити ќе може да прими 80.000 жители и работници. Соларни панели ќе обезбедуваат зелена енергија за Нет Сити, кој треба да биде завршен во три фази во наредните седум години.