НОБЕЛОВКАТА МАЛАЛА ДИПЛОМИРАШЕ НА ОКСФОРД ОСУМ ГОДИНИ ОТКАКО БЕШЕ ЗАСТРЕЛАНА ВО ГЛАВА

Лондон, (Би-Би-Си)

Најмладата нобеловка во историјата Малала Јусафзаи дипломираше на Универзитетот Оксфорд, осум години откако едвај преживеа обид за атентат во нејзината татковина Пакистан.

Сега 22-годишната Малала студираше политика, филозофија и економија.

„Не знам што ми претстои сега. За почеток ќе бидат ‘Нетфликс‘, читање и спиење“, напиша таа на Твитер.

На 9 октомври 2012, Малала беше застрелана во автобус од талибански напаѓач, како одмазда за нејзиниот активизам за правото на девојчињата да одат на училиште. Со повреди на главата, вратот и рамото, таа во критична состојба беше превезена во болница, а подоцна лекувањето го продолжи во Бирмингем. Откако заздрави, целото нејзино семејство се пресели во Англија.

Во 2014, кога имаше само 17 години, таа доби Нобелова награда за мир.