Делови од светот утре ќе сведочат на најдраматичното помрачување на Сонцето во последните неколку години, кое притоа ќе изгледа како прстен од оган.
Вакви прстенести помрачувања се случуваат кога Месечината поминува меѓу Земјата и Сонцето, но недоволно блиску до нашата планета за целосно да ја замагли сончевата светлина. Ова помрачување се совпаѓа со најдолгиот ден во годината во северната хемисфера.
„Прстенестото помрачување е видливо од само 2% од површината на Земјата. Тоа е како да се префрлите од 500-ватна на 30-ватна светилка“, вели Флоран Делефје, астроном од Париската опсерваторија.
Овој феномен ќе може да се види од западна Африка, Арапскиот Полуостров, Индија и јужна Кина. Точното усогласување ќе трае само 38 секунди.
Оваа година ќе има уште едно помрачување на Сонцето, на 14 декември, што ќе се случи над Јужна Америка.