ЏЕЈМИ ФОКС ЌЕ СЕ ЗДЕБЕЛИ НАД 100 КИЛОГРАМИ ЗА УЛОГАТА НА МАЈК ТАЈСОН

Лос Анџелес, (Си-Ен-Ен)

Оскаровецот Џејми Фокс потврди дека ќе го игра Мајк Тајсон во нов биографски филм за еден од најдобрите боксери на сите времиња.

Овој филм првпат беше најавен во 2014 година, но оттогаш не се слушна многу за него. Педесет и двегодишниот Фокс сега потврди дека се подложил на ригорозен режим на вежбање за да се подготви за улогата на Железниот Мајк.

„Да, филмот дефинитивно ќе се снима. Биографските филмови тешко се прават. Понекогаш се потребни 20 години за добро да се подготват, но ние официјално тргнавме. Едвај чекам луѓето да го видат“, изјави Фокс, кој доби Оскар за биографскиот филм за Реј Чарлс.

Тој откри дека ја почнал физичката трансформација со секојдневни напорни вежби и дека за потребите на филмот планира да ја зголеми својата тежина на 104 килограми.