Аргентинецот Лука Ромеро синоќа стана најмладиот фудбалер кој заиграл во шпанското првенство, дебитирајќи за Мајорка во поразот од Реал Мадрид од 2:0.
Со 15 години и 219 дена, Ромеро го презеде рекордот од Франсиско Бао Родригес, кој бил 36 дена постар кога настапил за Селта во 1939 година. Ромеро, всушност, е најмладиот дебитант во историјата на четирите најсилни европски лиги: Пјетро Пелегри заигра во Серија А на 15 години и 280 дена, Харви Елиот во Премиерлигата со 16 години и 30 дена, а Нури Шахин во Бундеслигата со 16 години, 11 месеци и еден ден.
Ромеро е роден во мексиканскиот град Дуранхо во 2004, но од аргентински родители. Тие се преселиле во Шпанија откако неговиот татко Диего таму ја продолжил својата фудбалска кариера.
Ромеро уште на седум години бил на проба во Барселона, но тогаш уште бил премлад за да може да потпише договор. Од рана возраст го следат споредбите со Лео Меси, не само затоа што е левоног, туку и поради неговите фигура и стил на игра.
Тој почнал да тренира со првиот тим на Мајорка пред само еден месец и дебитираше во Ла Лига пред да заигра за Б-екипата.
„Најважно е да го смириме малку. Тој е само 15-годишно дете, но е со нас во тимот затоа што заслужува. Ако продолжиме да го охрабруваме, сигурен сум дека ќе напредува“, изјави тренерот на Мајорка, Висенте Морено.
Ромеро има право да игра и за Мексико и за Шпанија, но во минатото јасно кажа дека неговата желба е Аргентина.