КЛОП ИМ ПОРАЧА НА ФАНОВИТЕ НА ЛИВЕРПУЛ ДЕКА СЕГА НЕ Е ВРЕМЕ ЗА СЛАВЕЊЕ НА ТИТУЛАТА

Ливерпул, (Би-Би-Си)

Фановите на Ливерпул мора да почекаат да дојде „вистинско време“ за да ја прослават првата шампионска титула по 30 години пауза, порача тренерот Јирген Клоп.

Илјадници луѓе излегоа на улиците откако Ливерпул и официјално ја потврди титулата во четвртокот вечер, но Клоп кажа дека не му се допаднале сцените во пристаништето.

„Јас сум човечко суштество и вашата страст е и моја страст, но најважното сега е да не правиме такви јавни собири. Тоа им го должиме на најранливите во нашата заедница, на здравствените работници кои ни дадоа толку многу. Ве молам, прославете, но правете го тоа на безбеден начин, во приватно опкружување, каде што нема ризик од ширењето на оваа ужасна болест“, изјави Клоп.

И самиот клуб и градските власти го осудија однесувањето на некои навивачи како целосно неприфатливо.

„Да беше ситуацијата поинаква, ништо повеќе не би сакал од тоа да прославиме заедно, да имаме уште една, дури и поголема парада од лани, кога ја освоивме Лигата на шампионите, но тоа сега не е можно. Сите направивме многу во борбата против ковид-19 и тој напор не смее да пропадне сега. Кога ќе биде вистинско време, ќе прославиме. Но, засега, останете дома колку што може повеќе“, кажа Клоп.