Во Македонија повторно можат да се одржуваат концерти и други музички настани, откако дозвола за тоа дала Комисијата за заразни болести по средбата со здруженијата на музичари и на културни промотори.
По повеќе од три месеци целосен застој, културата е меѓу последните области која почнува да заживува додека сѐ уште трае епидемијата на коронавирусот, па денеска беше усвоен протокол за организирање музички настани.
- Капацитетот на местото каде што се одржува концертот ќе може да биде пополнет до 50 отсто.
- Картите ќе се купуваат само преку интернет.
- Носењето маска ќе биде задолжително.
„Станува збор за одличен протокол и здруженијата преземаат обврска сами да го контролираат спроведувањето на мерките таму каде што се организираат настани“, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Пандемијата на коронавирусот одложи неколку големи концерти кои беа закажани во изминатиот период, додека 10. издание на Д фестивал во Дојран е преместено во втората половина на август.