ЌЕ СЕ СНИМА БИОГРАФСКИ ФИЛМ ЗА МЕНАЏЕРОТ НА „БИТЛС“

Лондон, (Гардијан)

Популарниот режисер на видеоспотови Јонас Окерлунд ќе снима биографски филм за Брајан Епстајн, визионерски британски менаџер кој имаше најголеми заслуги за пробивот на „Битлс“ на светската музичка сцена.

Наречен „Midas Man“, тој ќе ја раскаже приказната за човекот кој располагал со голем талент да предвидува хитови и открива идни ѕвезди, потпишал со најголемиот бенд на сите времиња „Битлс“ и отворил своја сопствена сала за да промовира имиња како Џими Хендрикс и „Ху“.

Епстајн е еден од најисклучителните луѓе на 20. век. Неговата приказна досега не е вистински раскажана. Тој бил пред времето со својата визија за музиката и популарната култура. Бил геј во времето кога хомосексуалноста била забранета и живеел таен живот“, изјави продуцентот на филмот Тревор Бити.

Епстајн почина во 1967 на 32-годишна возраст од предозирање со лекови и се верува дека тоа го забрзало распадот на „Битлс“.