КОНЦЕРТ НА БИТОЛСКИОТ ДУВАЧКИ ОРКЕСТАР СО ХИТОВИТЕ НА „БИТЛС“

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва (20 мај) од 20 часот, во Центарот за култура во Битола концерт ќе одржи Битолскиот дувачки оркестар, посветен на „Битлс“. Насловен е „Сѐ што ти треба е љубов“ (All You Need is Love) по големиот хит на легендарната англиска група. Оркестарот симболично за овој концерт се вика „Битолси“.

Специјални гости се Бранислав Николов од групата „Фолтин“, Сашо Паркет од „Паркети“ и Горан Петков. Водител на концертот е актерот Рубенс Муратовски. Од оркестарот велат дека и на овој концерт продолжува соработката и поддршката од Државното музичко училиште во Битола.

„Ова ќе биде вечер исполнета со легендарни хитови, силна енергија и магијата на ‘Битлс’, како што досега не сте ги слушнале“, велат од Битолски дувачки оркестар.

Влезниците по цена од 400 денари се продаваат на билетарницата во Центарот за култура.

Ж. ЗДРАВКОВСКА