БУФОН ГО УРНА РЕКОРДОТ НА МАЛДИНИ СО 648. НАСТАП ВО СЕРИЈА А

Торино, (АП)

Џанлуиџи Буфон испиша историја на италијанскиот фудбал, станувајќи играч со најмногу настапи во Серија А.

По повеќе од половина година чекање, легендарниот голман на Јувентус конечно го одигра 648. натпревар во Серија А, за да го надмине рекордот на Паоло Малдини. Тој беше заглавен на 647 настапи од декември, имајќи предвид дека Војчех Шчесни го презеде бројот еден во Јуве, а потоа се случи пандемијата на коронавирусот. Четириесет и двегодишниот Буфон, кој неодамна го продолжи договорот со Јувентус и за следната сезона, денеска се најде во првите 11-мина на мечот со Торино.

„Сѐ уште има жар во мене. Продолжувам да играм затоа што се чувствувам добро и конкурентен сум и згора на тоа, постојано сакам да се подобрувам. Сега на стари години како повторно да ја откривам младоста“, изјави Буфон.

Тој дебитираше во Серија А како играч на Парма во 1995, а шест години подоцна ја продолжи кариерата во Јувентус. Сезоната 2018/19 ја одигра во дресот на ПСЖ, по што се врати во Јуве токму со цел да го урне рекордот на Малдини.