Во 1987 година, реномираниот британски театарски актер Патрик Стјуарт направи ризичен потег во кариерата и го замени Вилијам Шатнер како командир на вселенскиот брод „Ентерпрајз“ во новата верзија на серијата „Вселенски патеки“. Играјќи го Жан-Лук Пикард седум години, Стјуарт стана едно од најомилените и најпрепознатливи лица во Холивуд и откако вчера наполни 80 години, тој вели дека глумата е она што го одржува во живот.
„Никогаш нема да се откажам од глумата зашто така би се откажал од животот. Кога глумев како дете, јас не бев Патрик Стјуарт, живеев живот на некој друг, некој кој е подобар од мене. Отсекогаш сум се чувствувал безбедно на сцената“, изјави Стјуарт по повод роденденот.
Тој неодамна го оживеа ликот на Пикард во нова серија, а пред повеќе од 30 години, неговиот најдобар пријател Ијан Мекелен го убедувал да не ја прифаќа оваа улога.
„Патрик одамна ми има простено за советот да не ризикува солидна кариера во британскиот театар така што ќе ја замени за неизвесна иднина во ‘Ѕвездени патеки‘. Тоа ќе биде важно поглавје во неговите мемоари, што мора да ги напише“, откри Мекелен неодамна.
Стјуарт почнал да глуми на 12 години, косата почнал да ја губи на 19 години и во 1965 станал дел од Кралскиот Шекспиров театар, каде што беше ѕвезда четврт век. Со Мекелен се запознале уште во 1970-ите, но станале многу блиски откако глумеа ривали во филмскиот серијал „Икс-Мен“ и нивното големо пријателство е едно од најсимпатичните во светот на славните личности.