„СЕКОГАШ СУМ САМА“ – ТАЖНИТЕ ПИСМА НА ГРЕТА ГАРБО СЕ ПРОДАВААТ ЗА 20.000 ФУНТИ

Лондон, (Индипендент)

Не е тајна дека животите на актерките од холивудското „златно доба“ не биле сјајни. Џуди Гарланд, Џин Харлоу и други се бореле со исцрпувачките рутини и со контролата од филмското студио МГМ и основачот Луис Б. Мајер.

Деновиве, јавноста се запозна со страдањата на Грета Гарбо, откако беше објавена колекцијата писма напишани од шведската актерка, кои беа преведени пред нивната продажба во „Сотби“ во Лондон на 12 декември. Проценките се дека тие ќе се продаваат по цена од 15 до 20 илјади фунти.

По нејзиното пристигнување од Шведска во САД, таа морала да ја исправи косата и да ги коригира забите. – Грета Гарбо во 1926 година, една година по преселувањето во Холивуд

Гарбо беше една од најголемите ѕвезди на 30-ите години на минатиот век, заработувајќи суми што ги надминувале нејзините современици, околу три милиони долари или 42 милиони долари во денешна вредност.

Но, како што покажуваат овие писма, таа, исто така, била неверојатно осамена. Гарбо ја мразела опседнатоста на таблоидите со неа, била загрижена за успехот на нејзините филмови и очајна од настаните од Втората светска војна.

Таа се одлучила за изолиран живот во Холивуд, споделувајќи ги своите најдлабоки мисли и чувства преку преписката со шведската грофица Марта Вахтмајстер.

„Јас сум речиси секогаш сама и разговарам со себе, се возам на плажа и се шетам. Тоа е секогаш прекрасно, но тоа е тоа”, напиша таа на 14 ноември 1939 година, осврнувајќи се на животот во Беверли Хилс.

Таблоидите и го загорчувале животот и, како што напиша, “покрај сите апсурди, тие ме омажија по 759. пат“.

Писмата прикажуваат мрачен портрет на една жена, која била извлечена од сиромаштија и која поминала низ фабриката за ѕвезди на МГМ, пред да стане една од нејзините најпрофитабилни актерки. По наредба на Мајер, по нејзиното пристигнување од Шведска во САД, таа морала да ја исправи косата и да ги коригира забите.

Дури и тогаш, во 1925 година, таа била носталгична, пишувајќи:

„Ти си сосема во право кога мислиш дека не се чувствувам како дома овде. О, убава мала Шведска, ветувам дека кога ќе се вратам кај тебе, моето тажно лице ќе се смее како никогаш порано”.

Во текот на кариерата, таа морала да држи строга диета, никогаш не се омажила, ниту имала деца. Почина во 1990 година во Менхетн на 85 години.