Флипи е името на роботот кој ќе прави хамбургери во еден ресторан за брза храна на американскиот ланец „Вајт касл“ во Чикаго. Станува збор за експериментален проект во соработка со компанијата „Мисо роботикс“ од Пасадена.
Флипи може да прави 160 сендвичи на ден, а ќе почне со работа од септември. Роботот е програмиран да ја постави плескавицата како полуготов производ на скарата и да ја превртува. Според „Мисо роботикс“, машината работи со помош на термички сензори, со што го определува степенот на печење на плескавиците и спречува храната да добие штетни својства.
Заменик-директорот на мрежата ресторани Џејми Ричардсон уверува дека поради роботот нема да има отпуштање на луѓе. Роботот, исто така, на минимум го сведува контактот на работникот со храната. Што се однесува до неговите недостатоци, тој не може да ги сече другите состојки и да го обликува сендвичот.