КИНО НА СЕНА – НОВА ЛЕТНА АТРАКЦИЈА НА ПАРИЗ

Париз, (Ројтерс)

Кината на отворено повторно заживеаја како побезбедна опција за гледање филмови во пандемијата на коронавирусот, но парижаните го издигнаа тоа на повисоко ниво, отворајќи кино на реката Сена.

Како дел од годишната манифестација „Плажите на Париз“, кога делови од брегот на Сена се трансформираат во привремени плажи, филмските љубители добија можност да се качат во еден од 38-те електрични бротчиња и да гледаат филм во првото кино на вода. Викендов беше прикажана француската комедија од 2018 година, „Потони или пливај“.

(Фото: Ројтерс)

„Многу уживав. Ова го означува почетокот на летото, на париските летни авантури, иако сме веќе средина на јули“, изјави 25-годишната Елоаз Блом.

Секое бротче може да прими најмногу шест луѓе кои се познаваат меѓу себе. Дел од гледачите седеа на кејот.

Киносалите се отворија во Франција, но посетеноста е многу мала.