Новиот фестивал на „Авалон продукција“, „Дипер андерграунд“ (Deeper underground) кој беше најавен во Охрид од 14 до 16 август, ќе се одржи во Скопје на просторот пред А1 Арената, на 15 и 16 август. Организаторот вели дека поместувањето е поради логистички причини: избегнување на гужви, паркинг и можност за 100-процентно спроведување на протоколите.
„За жал, наместо тридневен фестивал, ќе имаме настан што ќе трае два дена, затоа што поради редуцираните авионски линии за земјава и околината, како и моменталната состојба со коронавирусот во нивната држава, Италија, не сме во можност да обезбедиме 100 % сигурен транспорт за него и поради тоа, доаѓањето на Медуза во Македонија ќе остане за некоја друга и подобра прилика“, вели „Авалон“.
На фестивалот ќе дојдат Ел-Ти-Џеј Бјукем, Рони Сајз и Ем-Си Дајнамајт на 15 август и Артбат на 16 август.
Цената на дневните билети останува иста – 1.200 денари, а сега блок влезницата за двата фестивалски дена изнесува 1.500. Оние што имаат купено влезници само за Медуза и не сакаат да присуствуваат на фестивалот, средствата ќе може да ги рефундираат од оние продажни места од каде што ги имаат купено билетите.
Во продажба се 3.000 влезници по вечер, а согласно протоколите за превенција од ковид-19, капацитетот на просторот кај А1 Арената за овој настан ќе биде адаптиран на 20 отсто од вкупниот кој е за 15.000 посетители.