КРАТКИОТ ФИЛМ НА ЛЕОН РИСТОВ „ЌЕ МУ СЕ ЈАВАМ НА ТАТКО ТИ“ ЌЕ ИМА ПРЕМИЕРА НА ФИЛМСКИОТ ФЕСТИВАЛ ВО САРАЕВО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Ќе му се јавам на татко ти“, краткиот игран филм на Леон Ристов, е дел од селекцијата на годинашниот Сараево филм фестивал, каде што утре ќе ја има својата премиера. За првпат во историјата, фестивалот ќе се одржи онлајн.

Филмот го следи средношколецот Дамјан (Александар Андоновски), кого го претепуваат маалски врсници. Убедена дека проблемот нема цивилизирано решение, мајка му на Дамјан (Николина Кујача) му се јавува на својот поранешен сопруг (Оливер Митковски) за да се справи со ситуацијата. Филмот е дел од програмата Teen Arena, во која се прикажуваат филмови што го испитуваат односот помеѓу тинејџерите и светот.

Ристов e студент во четврта година на Колеџот за филмски студии при универзитетот Веслијан во Конектикат, САД. „Ќе му се јавам на татко ти“ е негов втор краток филм како режисер и сценарист, а како актер имаше главна улога во филмот „Кога денот немаше име“ на Теона Стругар Митевска.