МЛАДИ РЕСЕНЧАНИ ПРЕКУ ПЕСНАТА „ЗАСУКАЈ РАКАВИ“ ЈА ПОДИГНУВААТ ЕКОЛОШКАТА СВЕСТ

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

„Засукај ракави“ запеаја младите ресенчани Мартин, Кико и Борче, обидувајќи се преку песна да ја подигнат екосвеста кај населението. Во песната, тројцата членови на бендот „Реприза“ изразуваат загриженост дека со нашето однесување секој ден сме метар поблизу до крајот, па ги повикуваат луѓето да се вклучат во активности за поубава животна срединa.

„Ние ја имаме таа привилегија да живееме во прекрасни услови за живот, а, сепак, сме единствените живи суштества кои не се грижат за својата околина. Како бенд решивме да отсвириме неколку стихови, кои, можеби, ќе нѐ поттикнат сите заедно да засукаме ракави и да придонесеме за подигнување на свеста за подобрување на условите во кои што живееме“, порачаа младите музичари.

Иако бендот носи име „Реприза“, ова им е прва песна, со која допреа до сржта на една многу важна тема која ги засега сите. Тие како волонтери имаат учествувано во еколошки акции и настапувале на хуманитарни настани.

Спотот за песната во режија на Дарио Јанковиќ е снимен на брегот на Преспанското Езеро.

Ж. ЗДРАВКОВСКА