ХОЛАНДИЈА ОД ВЕЧЕРВА Е ЗЕМЈА ВО ФОКУС НА 11. ИЗДАНИЕ НА МАКЕДОКС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со проекцијата на „Кога прашината ќе слегне“ на Џон Апел, вечерва се отвора програмата „Земја во фокус – Холандија“ на 11. издание на фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс, во чии рамки ќе бидат прикажани уште шест филмови.

Проекциите на годинашниот МакеДокс се одржуваат во паркот кај МКЦ и во летното кино на Кинотеката.

„Моите филмови ги градам врз основа на темелно истражување и интуиција. Додека истражувам, не барам само факти, туку и ранливоста на луѓето. Тоа е таканареченото емотивно истражување“, вели режисерот и снимател Џон Апел, кој зад себе има повеќе од 40 документарни остварувања за кино и телевизија.

Апел ќе одржи и мастерклас на МакеДокс на 22 август, кој ќе се одвива онлајн преку платформата Зум.

Вчерашната проекција на „Спиењето на Макс Рихтер“ беше прекината поради дожд и иако публиката беше подготвена да остане, техничките услови не го дозволија тоа.