ГЕРМАНЦИТЕ СО ЗАКОН ЌЕ БИДАТ ОБВРЗАНИ ДА СИ ГО ШЕТААТ КУЧЕТО

Берлин, (Би-Би-Си)

Шетање куче двапати на ден наскоро би можело да стане задолжително во Германија. Со нов закон би можело да биде забрането кучето предолго да се чува на ланец и едно лице да поседува повеќе од три кучиња одеднаш.

„Кучињата не се играчки за галење, нивните потреби мора да се земат предвид“, изјави министерката за земјоделство Јулија Клекнер.

Според предложените правила, кучето ќе мора да се шета двапати на ден во вкупно времетраење од најмалку еден час, а на сопствениците нема да им биде дозволено да го остават својот миленик сам цел ден.

Клекнер вели дека измените се прават врз основа на советите на експертите со цел да се обезбеди заштита и добросостојба на животните. Се очекува овие правила да бидат претворени во закон следната година и би биле задолжителни за сите сојузни држави.