МЕСИ ПОБАРА ТРАНСФЕР ОД БАРСЕЛОНА, НО КОЛКУ КЛУБОВИ МОЖАТ ДА СИ ГО ДОЗВОЛАТ

Барселона, (Гардијан)

Лео Меси синоќа предизвика земјотрес во Барселона и во фудбалскиот свет откако испрати факс до клубот, барајќи да му биде дозволено да замине ова лето. И додека Меси се повика на клаузула која му овозможува веднаш да си замине како слободен играч, клубот вели дека таа истекла на 10 јуни и дека тој има договор до 2021, со откупна клаузула од 700 милиони евра. Се верува дека двете страни сега ги очекува правна битка, а она што би можело да го премисли Меси е оставка на претседателот Бартомеу и предвремени избори во клубот.

Без разлика на сѐ, Меси е решен да си замине од клубот во кој помина 20 години, ги урна сите можни рекорди и освои 34 големи трофеи. Следно природно прашање што се наметнува е каде би можел да се пресели, поточно колку клубови можат да си го дозволат, имајќи предвид и дека неговата плата во Барселона изнесува 500.000 евра неделно.

Манчестер сити секако е фаворит, не само зашто има пари, туку и поради тренерот Гвардиола, со кого Меси имаше одлична соработка во Барселона и заедно двапати ја освоија Лигата на шампионите. Гвардиола останува голем обожувач на Меси.

Друг клуб кој располага со неограничен буџет е ПСЖ, но иако тренерот Тухел призна дека ќе му требаат засилувања, тој ја отфрли можноста за доаѓањето на Меси во Париз. Сепак, катарските газди веројатно размислуваат поинаку.

Во игра е и милански Интер, кој сонува големи успеси веќе десет години, а преселбата во Италија би му овозможила на Меси да го обнови директното ривалство со Кристијано Роналдо.

„Знам дека сегашните кинески газди ‘Сунинг холдингс‘ го сакаат Меси, но тоа нема да биде лесно изводливо. Најголемото прашање е што Меси навистина сака“, изјави бившиот претседател на Интер, Масимо Морати.