Во Тетово по петти пат се одржува Џез фестивал Тетово, на кој годинава настапуваат помалку, но квалитетни џез музичари.
„Годинашново издание го отвори ‘Сашо Поповски трио‘, едно многу квалитетно македонско џез трио, кое го сочинуваат Сашо Поповски на гитара, Иван Бејков на бас гитара и Виктор Филиповски на тапани. Вечерва, за првпат пред тетовската публика, настапува ‘Сетстет‘. На третата и последна вечер од фестивалот ќе настапи ‘Влашент Сата бенд‘, кој доаѓа од Албанија, а го предводи вокалот и гитарист Влашент Сата, кој живее во Париз. Тоа е еден извонреден квинтет, кој се надеваме ќе ни понуди квалитетна џез музика“, изјави Лејла Халими, организаторката на фестивалот.
И додека минатите изданија траеја по 6-7 дена и, покрај домашните, настапуваа и музичари од целиот свет, пандемијата на коронавирусот беше причина годинешниов фестивал да се одржи во една скратена верзија.
„Условите за одржување на фестивалот оваа година се малку потешки, но ние ги спроведуваме сите препорачани мерки, а тоа значи бројот на публиката е ограничен, седиштата се на дистанца и присутните носат маска. И покрај ова, направивме големи напори да ја продолжиме традицијата“, надополнува Халими.
Петтиот Џез фестивал Тетово се одржува на отворено, на летната сцена на музичкото училиште „Тодор Скалоски-Тетоец“ и ќе трае до утре.
З. АНДОНОВ