Џо Руби, еден од креаторите на анимираната серија „Скуби-Ду“, почина на 87 години.
„Тој никогаш не престана да пишува и создава“, изјави неговиот внук Бенџамин.
Руби работел во продукцијата „Хана-Барбера“ кога го запознал својот креативен партнер Кен Спирс, со кого ги создаде омилените ликови кои секогаш се во потрага по нови мистерии Фреди, Вилма, Дафне, Шеги и Скуби-Ду. Серијалот „Скуби-Ду, каде си?“ почна да се емитува во 1969 и остана во програмата на Си-Би-Ес до 1976.
„Во почетокот бевме загрижени дека нема да издржи повеќе од една сезона“, кажа своевремено Руби, додавајќи дека насловниот лик е обликуван според легендарниот комичар Боб Хоуп.
Серијата смени неколку телевизии во наредните децении, а најновата верзија се емитува на „Бумеранг“.