КАКВА ЧЕТКА ЗА ЗАБИ ТРЕБА ДА СЕ ИЗБЕРЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
Dental health care. Closeup woman holding toothbrush and placing toothpaste on it smiling face in the background
Д-р Радмила Димовска

Пишува: д-р Радмила Димовска, доктор – специјалист по ортодонција од ординацијата „КРУНА МС“

Четката за заби претставува едно од основните средства за одржување лична хигиена. Таа се користи за механичко отстранување на сите материи од површината на забите, непцата и јазикот. Се проценува дека со четкичката може да се исчисти околу 60-70 отсто од површината на забите, па за поефикасно чистење се користат дополнителни средства како на пример конец за заби, интердентален стимулатор, ленти за полирање, чепкалки за заби и друго. Обично се користат во комбинација со паста за заби.

Четкичката за заби се состои од дршка, врат и глава на која се наоѓаат влакна. Денес се произведуваат четкички со различен облик, па дршката и главата се наоѓаат во иста рамнина или главата може да биде поставена под одреден агол во однос на дршката. На главата на четкичката треба да има 2-3 реда снопчиња од влакна и во секој ред да има 6-8 снопчиња со 30 влакна со просечна должина од еден санитиметар.

Димензијата на четкичките зависи од возраста и морфолошките карактеристики на корисникот. Четкичките за деца се долги од 12,5 до 15 сантиметри, а оние за возрасни се долги од 15,5 до 17 сантиметри.

Влакната можат да бидат направени од природни влакна или вештачки материјали. Порано се користеле природни материјали (влакна од кози и свињи), но денес главно се користат влакна направени од најлон или полиестер. Врвовите на влакната се заоблени или засечени во централниот дел за подобро чистење на површината на забите. Според тврдоста на влакната, односно четкичката се делат на тврди, средно тврди и меки. Препорачуваме употреба на меки или средно тврди четкички, бидејќи тврдите влакна може да предизвикаат оштетување на емајлот на забот или на непцата. Постојат и екстра меки четкички, наменети за деца.

Според Американската дентална асоцијација, чиј член е и нашата ординација, добра четкичка за заби треба ефикасно да ги чисти забите и усната шуплина, да биде лесна за ракување и одржување, а со својот дизајн да биде прилагодена на индивидуалните карактеристики на корисникот и да може непречено да се изложува на воздух заради сушењето. По секоја употреба четкичката треба да се измие и да се остави да се исуши. Замена на дотраените четкички се прави просечно на секои два до три месеци, односно во интервали зависно од нејзиниот квалитет и користење. Докажано е дека новите четкички се 35 отсто поефикасни во однос на оние со дотраени влакна. Постојат четкички со посебен дизајн наменети за лица со различни протетски изработки, ортодонтски апаратчиња, импланти и парадонтални заболувања.