Пишува: д-р Радмила Димовска, доктор – специјалист по ортодонција од ординацијата „КРУНА МС“
За време на тинејџерскиот период се јавуваат проблеми и со забите. Патот до решението е полесен ако се информирате повеќе за овие проблеми и начинот на којшто влијаат на забите.
Ортодонција – многу деца на возраст од 10 до 18 год имаат потреба од ортодонтски протези за да ги исправат збиените и искривени заби и лошото порамнување на вилиците. Искривените заби се тешки за чистење, често вршат дополнителен притисок на мускулите кои ги користиме за мелење на храната. Со ортодонтскиот преглед се одлучува дали се потребни протези и каков третман е потребен. Подоцна, доколку се постават протези, треба дополнително да се внимава при чистење на забите.
Штитници за уста (mouth guards) – штитниците се од огромна важност за сите кои спортуваат. Најчесто ги покриваат горните заби и ги штитат од кршење, ги заштитуваат усните од исеченици и устата од какви било други повреди. Доколку имате протези или друго фиксно помагало на забите од долната вилица, стоматологот може да ви предложи да носите штитник и за овие заби.
Исхрана – исхраната има клучна улога за здравјето на забите. Шеќерите и скробот во грицките и пијалаците го поддржуваат формирањето на плак, кој што пак го уништува забниот емајл. Потрудете се помалку да грицкате – секој пат кога ќе јадете или пиете пијалаци кои содржат шеќери и скроб, ги изложувате забите на 20 минутен или подолг напад од киселини. Добро избалансираната исхрана, каде се застапени петте групи на храна има големо влијание врз здравјето на забите и устата. Ако сакате да грицнете нешто, одберете хранливи грицки, како кашкавал, свеж и необработен зеленчук, јогурт или овошје.