ЗА НОВИОТ „СИТРОЕН АМИ“ НЕ ТРЕБА ВОЗАЧКА ДОЗВОЛА, А СЕ ПРОДАВА ВО СУПЕРМАРКЕТИ

Париз, (Гардијан)
Copyright maison-vignaux @ Continental Productions

Новото возило на „Ситроен“ со славно име е евтино, наликува на кутија на тркала и можат да го возат дури и 14-годишници, што е недостижно за сите други автопроизводители.

Малиот двосед „ами“ го придвижува скромен електричен мотор од шест киловат-часови, па според локалните закони, за негово управување не треба да се има возачка дозвола. Со каросерија направена од полипропилен, неговата максимална брзина е 45 километри на час.

(Фото: Гардијан)

Целната група на „ами“ се токму тинејџери, па освен во салоните на „Ситроен“, тој се продава покрај смартфони и конзоли за видеоигри во големи француски супермаркети за техничка стока.

„Продадовме 500 примероци во првиот ден. Тоа кажува дека нашите транспортни навики и барања се менуваат и дека ‘ами‘ е достапен за секого“, вели Силви Кригер од „Ситроен“.

(Фото: Ситроен)

Класифициран не како автомобил, туку како лесен четирицикл, „ами“ е долг 2,4 метри и со едно полнење може да помине 75 километри. Неговата основна цена изнесува 6.000 евра.

„Ами“ го носи името на легендарниот модел што се произведуваше од 1961 до 1978 година.