Филмското студио „Ворнер брос“ повторно ја одложи премиерата на „Вондер Вуман 1984“, овојпат од 2 октомври за 25 декември. Неговиот последен филм „Тенет“ почна да игра во кината во Европа и САД, каде што послабо оди продажбата на билети. Околу 25 проценти од кината во САД се затворени, а холивудските филмаџии се сѐ погласни во апелите да се отворат киносалите.

Одложувањето на продолжението на хитот со Гал Гадот, според критичарите, е поради стравот на филмското студио од мала заработка во овој период.

„Ние сме многу горди на филмот и со нетрпение очекуваме да ѝ го претставиме на публиката за време на божиќните празници“, изјави Тоби Емерих од „Ворнер брос“.

Пети Џенкинс се врати како режисер и ги заинтригира фановите со насловот дека приказната ќе направи временски скок во 1980-ите. „Вондер Вуман“ беше голем хит за „Ворнер брос“ и „Ди-Си комикс“ во 2017 година, заработувајќи над 800 милиони долари низ светот.